Monday, May 18, 2009

ФФМ доби 2,8 милиона евра од УЕФА

УЕФА одобри средства од програмата „Хет-трик“ во висина од 2, 8 милиони евра за изградба на тренинг-камп за репрезентацијата и административна зграда на ФФМ.
Апликацијата беше поднесена на 16 април во седиштето на Европската фудбалска куќа во Нион. Средствата се одобрени без комплетно изработен проект и со одобренија од надлежните институции, но клучен адут беше средбата и ветувањата на премиерот Никола Груевски дадени на мартовската средба со претседателот на УЕФА, Мишел Платини.
Претставник на УЕФА во мај ќе дојде во инспекција, а до септември се очекува да бидат комплетирани сите документи. ФФМ се надева дека со градежните работи ќе се почне кон крајот на 2009 година, а изградбата на кампот и на административната зграда ќе трае до крајот на 2010 година.
Ова е најдобрата вест за македонскиот фудбал и за Фудбалската федерација на Македонија. Одобрен е проектот од Нион и тоа значи голема соработка со УЕФА, нивна поддршка. Сето ова Платини го кажа и на состанокот со премиерот Никола Груевски, а Владата експресно изреагира и ни го додели земјиштето. Сето ова е една голема инвестиција во фудбалот“ - информира вчера генералниот секретар на ФФМ, Никола Костов.
Тренинг-комплексот, во кој ќе биде вклучена и административна зграда на ФФМ, ќе се протега на десет хектари во населбата Карпош 3, зад хотелот „Александар палас“. Целиот тој потег таму ќе биде исклучителен спортски дел, бидејќи веќе кај хотелот се наоѓа и базенот „Младост“, како и новата спортска сала „Борис Трајковски“. Во центарот ќе има пет фудбалски терени, од кои еден со вештачка трева, а еден и со трибини за 5.000 гледачи.
Четири терени ќе изгради АМС, од кои еден со вештачка трева, од нивниот проект 50 фудбалски игралишта, а другото ќе се покрие со парите на УЕФА. Сето тоа е доволно за да се заврши, со оглед дека Владата ни ја обезбеди локацијата без пари, а нè ослободи и од комуналиите за неа. Сè ќе биде насочено кон развој на фудбалот и ќе се добијат најоптималните услови. Тоа значи дека имаме еден нов почеток, но и една голема обврска, која ќе нè мотивира и охрабри во натамошната работа, но и која ќе даде нов импулс во соработката со УЕФА и со Владата“ - додаде Костов.

The image “http://sportdenes.com/images/slika/crtezcol.jpg” cannot be displayed, because it contains errors.

Тренинг-комплексот нема да биде наменет само за националните селекции, туку и за екипите што ќе имаат потреба да го користат. Во рамките на центарот, каде што ќе биде сместено сè што е фудбалско заедно со економатот и едукативниот центар, кои сега се одвоени од централата, ќе бидат вклучени и други елементи, како фитнес-центар и сала за загревање, кои ќе бидат во рамките на теренот со трибини, а ФФМ очекува да изгради и минихотел и ресторан, кој ќе го користат сите селекции освен А-селекцијата.

No comments:

Post a Comment