Tuesday, May 19, 2009

Заврши сонот на Бостон, Лејкерс во финале

Image

Тимот на Орландо му ја симна круната на Бостон во седмиот меч од полуфиналната серија (101:82) и се избори за пласман во финалето од Источната Конференција.

Триумф во „мајсторката“ на Западот однесе и Лос Анџелес Лејкерс, кој убедливо славеше против Хјустон со 89:70.

Турскиот репрезентативец Хидајет Туркоглу ги симна Селтиксите од тронот, кој во одлучувачкиот дуел во Бостон забележа најдобар натпревар оваа сезона. Тој постигна 25 поени (шут за два поени 5/7, шут за три поени 4/5, слободни фрлања 3/3), запишувајќи 12 асистенции и пет скокови.

Голем допринос во победата даде и Двајт Хауард со 12 погодоци, 16 украдени топки и дури пет блока, додека Рашард Луис запиша 19, а Рејфер Олстон 15 поени.

Во редовите на, сега веќе поранешниот шампион, се истакнаа Реј Ален со 23, Пол Пирс со 16 поени и Рејџон Рондо со десет коша и исто толку асистенции.


Неизвесноста околу вториот учесник во финалната серија на Западот траеше само едно полувреме, бидејќи домаќинот од Лос Анџелес на „голем одмор“ отиде со предност од 20 поени (51:31).

Најзаслужен за одличната игра на Лејкерси во седмиот меч против Хјустон беше По Гасол. Шпанскиот репрезентативец во потполност доминираше на паркетот со постигнати 21 поен, 18 скокови и три блокади. Во сенката на Гасол остана првата ѕвезда на домаќинот Коби Брајант со 14 погодоци, седум скокови и пет асистенции.

Во поразениот Хјустон најистакнат покрај останатите беше Арон Брукс кој и покрај доминантната игра на Лејкерси успеа да забележи 13 поени.


Во финалето на Истокот Орландо ќе се сретне со сезонава феноменалниот Кливленд, кој својата задача си ја заврчи во само четири меча. Финалната серија стартува ноќта меѓу среда и четврток, а Кавсите се домаќини во првите два меча.

За титулата на Западната Конференција ќе се борат Лејкерс и Денвер. Нивниот прв дуел на програмата е ноќта меѓу вторник и среда во Лос Анџелес.

No comments:

Post a Comment